АКТИВНОСТИ
Сојузот на студенти при Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола (ССУКО) во изминатиот период изобилува со активности од најразличен карактер, што секако кореспондира со идејата за градење на современ концепт на студентска организација по својата форма и функционалност компатибилна на студентските организации од современите високошколски институции.
Новиот концепт на организирање и функционирање на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, согласно Законот за Високо образование, како и новите тенденции и насоки на развој на истиот, бара исклучителни напори, знаења и визија да и Сојузот на студенти при Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола созрее на висина на својата задача, а тоа е продирање во сите сегменти на студентското живеење и барање на нов приод кон решавање на студентските проблеми.
Со оглед на тоа дека развојната компонента и информирањето на ССУКО опфаќа поширок дијапазон на прашања и области, активностите во овој сектор беа императив на сите структури во рамките на истиот со вклучување на сите кадровски и техничко – технолошки ресурси. Имено, откако беа укинати средствата на ССУКО за издавање на студентското гласило „Студент“ со одлука на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, ССУКО својата стратегија за информирање на студентите ја насочи кон електронското издаваштво, односно кон ажурирање на интернет страницата на ССУКО со која благовремено студентите добиваат информации.
Јасните визии на ССУКО во овој сегмент се рефлектирани со успесите преку отворањето на Интернет клубот во Студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола, подготвувањето на сопствена WEB страна за информирање на студентите, напорите за опремување на матичните сојузи на студенти и нивно поврзување во Универзитетската мрежа и сл.
Ваквите цели и планирани активности се содржани во проектот „Електронска информативна мрежа“ кој е поднесен до Агенцијата за млади и спорт, а со чие одобрување ќе се создадат можности за ангажирање и искористување на студентскиот потенцијал на Универзитетот во Битола. Треба да се спомне и придонесот на ССУКО во резлизирањето на проектот „КНИИЦ“ заедно со Матичната и Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола како копартнери, кој резултираше со отворање на Компјутерски центар, најсовремен по својот вид во градот, подготвен за поддршка на научниот развој на Универзитетот, снабден со најсовремена опрема, донирана од УСАИД.Центарот располага со капацитет од 20 компјутери, скенер, печатари, а во наредната фаза се планира и видео проектор како и друга опрема од палетата на поновите достигнувања од светот на техничко – технолошкиот развој.
Што се однесува на спортските активности ССУКО ги продолжи традициите во тоа поле што се почитуваат веќе неколку години.Имено, во 2001 година беше подготвено учеството и организирањето на МСИ 2001, меѓутоа политичко – безбедносната ситуација во Република Македонија не го дозволи одржувањето на истите.Во тој контекст беа организирани повеќе натпревари и средби меѓу спортски екипи на нашиот Универзитет како дел од подготовките за Игрите.Тука би го истакнале организирањето на традиционалниот турнир „Методија Мачковски - Менде“ кој секоја година се организира на нашиот Универзитет под покровителство на ССУКО. Соочени со фактот дека МСИ таа година нема да се одржат, ССУКО одговори на поканата на Интернационалниот турнир во фудбал за европските универзитети организиран во Будимпешта.Универзитетската екипа беше помогната од страна на Универзитетот, односно преку учество на факултетите со свои сопствени средства, како и са учество на ССУКО преку спонзори за кои беа вложени огромни напори во насока на финализирањето на идеите.Резултат и несебичен придонес на ССУКО беше тоа што за прв пат се создаде професионална фудбалска екипа на Универзитетот која го освои четвртото место на турнирот, како и трофејот за фер плеј што претставува доказ за едно одлично владеење, но и соодветна презентација на Универзитетот во европски рамки.Покрај овој по нас најголем успех, следуваа и редовните активности на ССУКО на спортски план кој во континуитет се одвиваа неколку пати годишно во текот на овој период.
Перманентното вложување напори од страна на ССУКО со цел промовирање на спортските активности помеѓу студентите треба да биде негова јасна определба и во наредниот период преку остварување на повеќе конкретни активности. Во тој контекст, со цел заживување на меѓуфакултетските спортски активности,ССУКО во првата половина на 2003 година организира Универзитетска лига во мал фудбал, прв пат после пауза од повеќе години, во која учество зедоа екипи – претставнички на студентите од сите високо-образовни институции, членки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Секако за одбележување во овој период се активностите на ССУКО во сферата на студентскиот стандард. Имено, согледувајќи го недостигот од капацитет за сместување на студентите во трите града кои ги опфаќа нашиот Универзитет, а особено во 2001 година, по воведувањето на кофинансирање при уписот на студентите во нова академска година, рапидно порасна интересот за студирање на нашиот Универзитет, а со тоа и бројот на студентите.Проблемот со сместување беше многу пати разгледуван од страна на Ректорската управа, а особено од страна на Комисијата за студентски стандард во која ССУКО зеде водечка улога во решавањето на овој проблем, дотолку повеќе што беа и напорите на оваа Комисија.
По неколку консултации со ресорното Министерство, беше разгледувана можноста за финансирање и стимулација на изградба на дополнителни капацитети во студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола, но секако централно место заземаше иницијативата за изградба или адаптација на објекти во приватна сопственост како студентски домови под услови слични во државните студентски домови. Меѓутоа, ССУКО согледувајќи ја потребата за итно решавање на проблемот бидејќи се приближуваше почетокот на новата академска година, а побарувањето на места за сместување беше огромно, излезе со свој предлог – проект за оснивање Студентско биро за приватно сместување, преку кое во согласност на Владата на Република Македонија и ресорното Министерство, би се овозможиле одредени субвенции или стимулации за приватните субјекти кои се заинтересирани за сместување на студенти во своите објекти. Од друга страна, ССУКО во соработка со Универзитетот би утврдил стандарди за тоа кои објекти можат да служат за сместување и ги задоволуваат потребните услови за истото.
На овој начин се сметаше дека би се постигнал квалитет во студентското сместување, би се зголемил капацитетот на местата кои служат за таа намена, а исто така би се одбегнале непотребните турканици во Студентскиот дом, како и пред огласните табли бидејќи сета оваа активност би била олеснета, а исто така би се имало точен увид во бројката на студентите кои користат приватно сместување, а најважно од се би се намалила цената на сместување во приватните капацитети.
Се поприсутната констатација дека во областа на студентскиот стандард мора да постои поцелосен ангажман на сите сегменти на Универзитетот, особено Сојузот на студенти, со цел и покрај специфичната состојба на општеството, да се овозможи негово подобрување и обезбедување на адекватен општествен статус на студентската популација кој впречем е и причина за постоење на Универзитетот,беше повод за интензивирање на активностите на ССУКО на тоа поле. Како најважна активност за издвојување е воведувањето на Национална студентска легитимација 2001, со преку 100 попусти за студентите ширум Република Македонија.Овој проект, прв од ваков вид и со погодност за сите македонски студенти, секако во голема мера влијаеше во корист на плиткиот студентски џеб.
Членувањето и активното учество во приоритетните активности и управни тела на Универзитетот, односно други институции на државно ниво што го тангираат Високото образование, го издвојува овој период од функционирањето на ССУКО како пример за соработка помеѓу студентите и Универзитетот.
Исто така, во првата половина на 2002 година како ретко досега беа спроведени фер и демократски избори на кои студентите го избраа новиот Претседател на ССУКО за периодот 2002 – 2004 година.
Определбата за позабрзан развој и воспоставување ефективна соработка со други Универзитети и институции во земјата и странство, беше еден од приоритетите на ССУКО во потенцираниот период.Евидентни беа повеќето средби со странски студентски организации, како и учеството на неколку семинари во странство на претставници на ССУКО преку Националниот Сојуз на студенти на Македонија во рамките на работата на ЕСИБ (Асоцијацијата на Националните студентски сојузи во Европа), но и во правец на развој и јакнење на студентската мрежа на земјите од Југоисточна Европа.
За споменување е учеството на меѓународниот семинар „Конституирање на студентската мрежа на Југоисточна Европа“ одржан во октомври 2001 година, во Темишвар, Република Романија.Од голема важност е и учеството на претставници на ССУКО на 43. Конгрес на ЕСИБ во Финска во октомври 2002 година, при што како придонас е заклучокот – 46. Конгрес на ЕСИБ во 2004 година да се одржи за прв пат во Македонија.
Во контекст на развојот на овој сектор ССУКО континуирано работи на изнаоѓање повеќе начини за обезбедување извори на финансирање за остварување на развојот и проширување на меѓународната соработка.
Не помалку важни се и учествата на одржани семинари, симпозиуми, конференции, работилници и слично во рамките на Република Македонија кои обработуваа теми од сферата на Високото образование, но и теми и активност наменети за подобрување на структурната поставеност на организации од овој вид и сл. Во тој контекст би го издвоиле неодамна одржаниот семинар „Поттикнување на студентската соработка“ каде учествуваа претставници на студентските организации од трите универзитети во Република Македонија, активност што претставува само една фаза кон целосната реализација на проектот со исто име, инициран и поддржан од страна на МЦМС чија генерална цел е унапредување на соработката помеѓу универзитетите во Република Македонија на студентско ниво, односно премостување на разликите кои претставуваат пречки за заедничко делување.
Во рамките на културно – забавниот живот на студентите се забележува успешната реализација на Бруцошките вечери на ниво на Универзитет, што претставува вистинска слика за организациската моќ на ССУКО, но и тоа дека се само уште една алка која се надоврзува на синџирот на веќе воспоставените основни цели кон кои во својата работа се стреми ССУКО.
Заживувањето на се поголем број на активности во сите сфери на своето делување претставува предизвик за ССУКО и во наредниот период при што ангажирајќи го целокупниот свој потенцијал во таа насока ССУКО дава добар пример за спроведување на политиката што самите студенти ја создаваат.