ЛИЧНА КАРТА
Универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола е основан на 25.04.1979 г. Непосредно после неговото формирање беше создадена акциона конференција на ССММ. Таа се афирмира како општествено политичка организација која својата работа ја втемели врз принципите на тогашното самоуправно договарање. Акционата конференција на ССММ на Универзитетот чинеше значајни напори ѕа организирање на културно забавниот живот на студентите. Преку животот и работата на сојузот за физичка култура , АКУД "Даме Груев" на Универзитетот се манифестираа повеќе активности на студентите. Со одлука на РК на ССММ на 20.11.1984 г. Акционата конференција на ССММ на Универзитетот во Битола прерасна во Универзитетска конференција. Неа ја сочинуваат сите делегати од високо-образовните организации на Универзитетот.
На 22.11.1990 г. УК на ССМ го промени своето име во Студентски сојуз при Универзитет "Св. Климент Охридски" - Битола. Паралелно со тоа одеа и извесни промени во начинот на работа. Денес Сојузот на студенти по својата структура е автономна , невладина и непартиска организација со јасно зацртани цели и задачи, како што се решавање на образовните, културните, економските и научните потреби и проблеми на студентите.
Целта на оваа студентска организација е штитење на интересите на студентите, подобрување на условите за студирање и сместување на студентите,односно студентскиот стандард воопшто.Сојузот на студенти е полноправна членка на Европската студентска асоцијација (ЕСИБ) и активно партиципира во телата на истата.
Членството на ССУКО го сочинуваат сите студенти на Универзитетот, односно повеќе од 10 000 студенти. Колективни членки на Сојузот се матичните сојузи на петте факултети и една висока школа.
Највисок орган на одлучување е Собранието кое го сочинуваат делегати од сите факултети и високи школи.
Извршниот одбор е извршен орган на Сојузот, кој се состои од најмалку 7 члена и истиот е задолжен за реализирање на заклучоците на Собранието и зацртаната програма за работа на Сојузот.
Работната програма на Сојузот е поделена на следните сектори:
- Сектор за образование;
- Сектор за студентски стандард;
- Сектор за меѓународна соработка;
- Сектор за информирање
- Сектор за култура;
- Сектор за научно-истражувачка дејност
- Сектор за спорт;
- Сектор за маркетинг;
- Сектор за екологија и здравствено-хуманитарни дејности;
- Сектор за културно-забавен живот;